Со низа спортски манифестации, под мото “Сите заедно за спортот”, ќе биде одбележана 22-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија. По тој повод во организација на Велосипедската федерација денеска започна кружна трка околу Македонија. Прва делница беше од Скопје до Кичево, а првата етапа запре во Охрид, каде вечерва пристигнаа учесниците на трката, која утре продолжува низ другите градови, а ќе заврши во Скопје на 6-ти септември.
Учесниците во трката на плоштадот Св. Климент Охридски ги пречека градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој изрази поддршка на велосипедистите.
-Велосипедистите ќе поминат 700 километри и ќе посетат 20 градови, од кои прв е Охрид. Со тоа и ние како град се вклучуваме во афирмација на спортот, како кохезивен фактор кој ги поврзува луѓето, изјави градоначалникот Бакрачески.
Тој најави дека општина Охрид активно ќе се вклучи во одбележување на Денот на независноста 8-ми Септември со низа спортски манифестации.
-На тој начин ќе го потикнеме и популаризираме спортот во нашиот град, додаде Бакрачески.
Генералниот секретар на ВФМ, Сашко Ванчевски, изрази благодарност до локалната самоуправа на Охрид за поддршката на трката низ Македонија, посочувајќи дека не е случајно што првата етапа завршува токму во градот под Самоиловите тврдини.
-Охрид ни е најмладиот велосипедски град во државата, има два активни клуба кои постигнуваат исклучитено добри резултати и го има извонредниот велосипедист Јован Јованоски.-рече Ванчевски.
Велосипедската трка низ Македонија има ревијален карактер.
OhridNews