Шестчлената велосипедска патрола која денеска беше промовирана во СВР Охрид, и официјално започна да дејствува. Новата мобилна единица на охридската полиција која во главно е составена од припадници на посебната единица „Алфи“, денеска започна со патролирање во централното градско подрачје и на крајбрежјето, каде и ќе дејствува.

Воведувањето на велосипедската патрола ќе значи поголема ефиксност, со оглед на тоа дека мобилната единица има одредени предности во однос на класичната патрола, вели Стефан Димоски, портпарло на СВР Охрид. На овој начин ќе ја зголемиме превентивата со што верувам ќе се подобри и севкупната безбедност, особено сега во екот на туристичката сезона кога е зголемен и бројот на посетители во Охрид, додаде Димоски.Тој изрази надеж дека граѓаните ќе го препознаат новиот имиџ на полицијата и ќе го прифатат. Ова не е нова идеја. Велосипедските патроли успешно дејствуваат во повеќе земји, и се надеваме дека така ќе биде и во Охрид, рече Димоски. Тој смета дека велосипедската патрола на некој начин ќе биде и туристичка атракција, не исклучувајќи ја можноста во иднина таа да биде зголемена и со припаднички на понежниот пол.

Дополнителната обука на полицајците кои ја сочинуваат велосипедската патрола траеше пет дена, а искуствата им ги пренесоа колегите од мобилната единица од Скопје која успешно функционира од 2004 година.

Овој проект охридската полиција го реализира во соработка со ОБСЕ.

Ohridnews