Со почеток од 19 часот на 29 мај (сабота) во центарот на Скопје ќе се одржи меморијална велосипедска трка “Критериум Енерџи – Зоран Трајчевски”.


Организатор на спортско-рекреативниот настан е велосипедското спортско друштво “Енерџи” од Скопје, а ќе учествуваат велосипедисти од повеќе клубови од земјава. Стартот е на плоштадот Пела, а трката ќе се вози во повеќе кругови.


Спортскиот настан се одржува во чест на македонскиот велосипедист Зоран Трајчевски, а целта е популаризација и на велосипедизмот во земјава.  – Неопходно е велосипедизмот како спорт да се доближи што повеќе до граѓаните. Во нашата земја постои потенцијал за развој на тој спорт – велат од велосипедскиот клуб “Енерџи”.

Трката ќе се  вози по улиците 11 Октомври, покрај Собранието на Република Македонија, потоа се врти лево по улицата Моша Пијаде, па во сутеренот на Градскиот трговски центар, од каде што повторно се излегува на Димитрие Чупоски.


Еден круг ќе биде во должина од 1.300 метри, при што за категориите кадети, мастерс И  девојки се предвидени 15 кругови, а за јуниори и елит вкупно 25 кругови. Во текот на трката ќе биде затворен сообраќајот по улиците на кои ќе натпреваруваат велосипедистите.

Ohridnews