Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата ќе иницира велосипедско поврзување на Охрид и Струга, со цел поголема промоција на туризмот и заживување на активностите со кои овие два града ќе бидат поинтересни за туристите.Ова е само една од идеите содржани во годинешната програма за работа на советот, чии членови денес ја одржаа првата седница, на која меѓудругото се зборуваше за безбедноста на велосипедистите во сообраќајот.

Неодамна избраниот претседател на Советот за безбедност на сообраќајот, Стефан Димоски, посочи дека голем дел од активностите ќе бидат во насока на реализација и на идејата за обележување на велосипедски патеки на секоја улица.

Оваа идеја е ставена на хартија, доставена до локалната самоуправа и верувам дека службите ќе направат се за да се реализира, затоа што станува збор за потреба која од момент во момент е се поголема бидејќи урбаниот велосипедизам е се поактуелен. За тоа е потребна и соодветна инфраструктура, се надевам со заеднички заложби ќе се постигне успех. Патеките би се обележале на улиците кои се во фаза на реконструкција или кои согласно програмата на локалната самоуправа ќе бидат ставени во процес на реконструкција, рече претседателот Димоски.

На седницата беше ставен посебен акцент на безбедноста на велосипедистите додека се движат по обележаните патеки.

Безбедноста на велосипедските патеки зависи од сите учесници во сообраќајот.  Мора сите да делуваме во насока на зголемуваме на свеста дека мора да ги почитуваме правилата и сообраќајните знаци, рече заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев, кој додаде дека ќе се преземат сите потребни мерки за да има што повеќе велосипедски патеки кои безбедно ќе се користат.

На денешната седница беше потенциран и проблемот околу недозволеното движење на возилата по новата пешачка патека кон Горица.

Како совет ќе делуваме со конкретни активности, а од страна на службите од СВР Охрид  нема да се дозволи самоволието на одредени лица кои тука се движат со возила. Тоа е јавна површина која е наменета само за велосипедисти и пешаци. Апелирам на патеката да не се возат автомобили, бидејќи возачите ќе се соочат со законско и легитимно делување на полициските службеници кои веќе се поставени во овој дел од градот, пред се во ноќните часови, потенцира Димоски. Санкции се најавени и за несовесните возачи кои ги паркираат возилата на велосипедските патеки.

На седницата беше потенцирано дека основната цел на функционирањето на советот е да се постигне што поголема безбедност во сообраќајот, како и да се подигне сообраќајната култура.

Т. К.