Вкупно 43.400 членови биле запишани во Библиотеката во Струга во периодот од 1952 – 2001 година, покажува аналитичкото истражување на Николина Велкоска- Глигороска што синоќа беше промовирано во центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Целта на истражувањето насловено „Движење и категоризација на членството во јавната Библиотека при центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во периодот 1952 – 2001“, според авторката, била да се добие целосна слика на бројот на повеќе категории читатели. Возрасни, деца од училишна и предучилишна возраст, студенти, вработени, невработени…
Идејата за вакво исцрпно истражување за движење на бројот на членството доаѓа во соработка со мојот колега, доајен на македонското библиотекарство, Богомир Наумоски- библиотекар, советник и своевремено директор на Библиотеката и Центарот за култура, истакна Велкоска-Глигороска.
Од вкупно запишаните 43.400 членови во периодот од 1952 заклучно со 2001 година, според неа, 22.401 биле деца до 14 години, додека 20.999 биле возрасни.
Најголема бројка деца – членови до 14 години е регистрирана во 1963 година и изнесува 918, додека пак средношколци најмногу членувале во 1983 година и нивната бројка е 805. Најзаинтересирани во категоријата вработени има во 1961 година, и тоа 141, а најмногу невработени членови има во 2000 година, односно 25 лица, посочи Велкоска – Глигороска.
Според авторката на истражувањето, пензионерите најмногубројни биле во 1999 година, со вкупно 19 членства. Студентите пак најбројни биле во 2000-тата година со 47 членства, а кај војниците бројот на членови бил најголем во 1956 и 1959 година по четири.
Врз основа на целокупната анализа за вкупен број членови од 1952 година, заклучно со 2001 година, Библиотеката во Струга најголем број на членови имала во 1981 година, и тоа 1.445, а најмал број од 150 членови е регистриран во 1954 година, појасни Велкоска – Глигороска.
OhridNews