Со Прочка почнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања со многу одрекувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден), за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името Проштени Поклади), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот, обичаите за очистувањето од штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како проштевањето имаат христијанска основа додека други се поврзани со пагански пролетни празнувања.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: “ Прости ми!“ на што овој одговара: “Простено да ти е и од мене и од Господа“, а некаде се вели само: “Просто да ви е“.

Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинува голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла. Потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен ) кој се врзувал за урката, за таванот, или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без притоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со заби да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му се давало да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.

Во Струга како што е запишано во зборникот на Браќата Миладиновци се изведувал обичајот наречен Лапрди. “На Поклади вечерта децата играет околу црков лапрди. Лапрди сет др’гови не толку д’лги, на врхот расвепени и в цепот накладено сено сврзано. В селото клавает јаглен и вртет лапрдата, на десно, на лево, дури да се запалит сеното и да изгаснит. После оставет драговите в црква“.

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид во втората половина на минатиот век целата оваа недела по Прочка се викала Чиста Недела и секој ден одделно Чист Понеделник, Чист Вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црква каде што земале светена вода “наезмо“, а потоа дома приредувале гозба со посна храна на која ги канеле роднините и пријателите.

Празникот Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани богати обичаи и верувања. Проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, а забавите како огнови, гатања, карневали и слично се остатоци од претхристијанските пролетни обичаи.

Јасминка Т. Момироска