Поради распнувањето и смртта на Исус, Велики Петок се смета за најтежок празник во годината. Тогаш не се работи, дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќе се остава на плаштеникот – оплакувањето Христово. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
На Велики Петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под плаштеницата, верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така се поставува и „Распетието Христово“ ( крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кој верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.
По повод Велики Петок во сите парохиски цркви во Охрид ќе се одржат Царски часови. Централната утринска богослужба ќе се одржи во црквата Св Богородица-Каменско каде ќе чиноначалствува владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Вечерва во 19ч. во црквата Св. Богородица Перивлепта во Варош ќе се одржи „Оплакувањето и опело на Христа“. Ќе богослужи митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Јасминка Т. Момироска