Велики Петок или уште се нарекува и Распет Петок, е денот кога Исус бил фатен, мачен и распнат на крст. На Велипеток Исус бил осуден, мачен, на грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до местото Голгота каде што требало да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се царе јудејски“. Бил распнат заедно со двајца војници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господи, не знаат што прават“. Кога Исус умрел се случиле повеќе натприродни феномени: „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа, и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа“.
Поради распнувањето и смртта на Исус, Велики Петок се смета за најтежок празник во годината. Тогаш не се работи, дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќе се остава на плаштеникот – оплакувањето Христово. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
На Велики Петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „плаштеница – плаштаница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под плаштеницата, верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кој верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.
По повод Велики Петок во сите парохиски цркви во Охрид ќе се одржат Царски часови. Централната утринска богослужба ќе се одржи во црквата Св Богородица-Каменско каде ќе чиноначалствува владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Вечерва во православните храмови ќе се одржи „Оплакувањето и опело на Христа“.