Велики Петок или уште се нарекува и Распет Петок, е денот кога Исус бил фатен, мачен и распнат на крст. На Велипеток Исус бил осуден и мачен, на грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до местото Голгота за да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се царе јудејски“. Бил распнат заедно со двајца војници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господи, не знаат што прават“. Кога Исус умрел се случиле повеќе натприродни феномени: „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа, и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа.

Поради распнувањето и смртта на Исус, Велики Петок се смета за најтежок празник во годината. Тогаш не се работи, дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќе се остава на плаштеникот – оплакувањето Христово. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.

На Велики Петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „плаштеница – плаштаница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под плаштеницата, верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кој верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Поради актуелната состојба со коронавирусот Ковид 19, во храмовите на Македонската православна црква, оваа година ќе изостанат масовни собирања и традиционални обичаи. Црквата ги повика верниците да ги почитуваат препораките на владата за спречување на ширењето на пандемијата и најави дека ќе воведе ред пред храмовите во периодот во кој е дозволено движење. Што се однесува до празникот Велигден, поради продолжениот полициски час кој на сила стапува на Велики Петок во 16 часот и ќе трае до вторнит, Трет ден Велигден, воскресенските богослужби ќе се изведуваат во присутво на само неколкумина свештеници.

Сепак празничната атмосфера, која во најголемиот духовен центар на православието, Охрид, секогаш е посебна, нема да изостане, но овој пат таа ќе биде пренесена од храмовите во домовите на охриѓани и православните верници ширум земјата и светот. Како што најавивме, на иницијатива на ЛК „Лихнидос“, „OhridNews“ и „Мега продукција“, а со благослов на Дебарско – кичевската епархија и поддршка на Град Охрид, на нашиот портал, ќе биде реализиран директен пренос од Велигденската богослужба во храмот Плаошник на 18 април со почеток во 23.30 часот, со која ќе чиноначалствува Владиката Тимотеј.

Директниот пренос од Велигденската богослужба на Плаошник, ќе може да се следи на сите онлајн платформи преку паметни телефони, компјутер, смарт тв и други соодветни дигитални уреди на следниот ЛИНК.

Јасминка Т. Момироска