Со Велики Четврток почнуваат последните денови од Христовото страдање. Популарноста на Исус меѓу народот им пречела на властите и фарисеите и тие барале погодна можност да го фатат и да го казнат. Прилика им се укажала во средата кога еден ученик Исусов по име Јуда Искариотски дошол кај фарисеите и им понудил да го предаде Исус за 30 сребреници.

Исус знаел што ќе се случи поради што ги повикал своите ученици на заедничка вечера во четвртокот навечер. На оваа т.н. Тајна вечера Исус им укажал на учениците негови дека еден од нив ќе го предаде што кај сите предизвикало изненадување:”Вистина ви велам еден од вас ќе ме предаде. Но тешко му на оној човек преку кого синот човечки ќе се предаде, добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил”. Исто така на оваа тајна вечера Исус ги благословил виното и лебот со што ја востановил и светата причесна. ” И кога јадеа Исус зеде леб, го благослови и рече: “Земете јадете ова е моето тело“. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: “Пијте од неа сите, зошто ова е мојата крв на Новиот завет кој се пролева за мнозина за опростување на гревовите” По вечерата Исус заминал во Гетисманија,место во близина на Ерусалим, а Јуда веднаш отишол кај правосвештениците за да го предаде.

Меѓу нашиот народ постојат повеќе обичаи поврзани со Велигден и деновите што му претходат. Со обичаи и верувања особено е исполнет Велики Четврток. Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапсувањето на велигденски јајца. Според обичајот најпрвин се вапсувале три јајца, а потоа и другите. Првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл. По вапсувањето на јајцата рано пред изгрејсонце домаќинката го земала јајцето првак и на децата додека уште биле в постела им минувала три пати по лицето зборувајќи: “Црвено бело дебело” или “Црвено бело здраво и живо” што значи да се дебели како јајцето и црвени во образите што е ознака за здравје и напредок.

На Велики Четврток се запотнува како што запишал Е. Спространов “за да не бијат град” Запотнувањето се прави на тој начин што се става потка на клучките од вратите, во долапите, грнците, стомните и.т.н. За потка се користат билки за кои се верува дека имаат волшебна моќ како што се кукурек, леска, дрен, и.т.н. Се запотнува за здравје, но и се верува дека на тој начин луѓето, стоката и куќите ќе се заштитат од разни болести и несреќи.

По повод Велики Четврток,ќе се одржи утрена со Василиева Архиерејска литургија со општ маслосвет во црквата Св. Богородица Перивлепта, со почеток во 7 часот. Богослужби ќе има во сите парохиски цркви во Охрид. Вечерта, ќе има бдение со читање на 12 Страсни Евангелија, во сите градски цркви, со почеток во 18,30 часот.

Јасминка Т. Момироска