Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика Сабота е исполнета со исчекување на Неговото Воскресение.
Смртта на Господ веќе ги воскреснала упокоените праведници во Ерусалим кои им се јавиле на мнозина, а први што трепереле пред можноста да се објави како воскреснат биле неговите непријатели – првосвештениците и фарисеите кои побарале да биде убиен. Тие побарале стража од римски војници да Му го чува телото. Сепак, Тој што невино и неправедно, а Божествен, претрпел понижувања, страдања и смрт на крст, незадржливо воскреснал. Смртта и пеколот (демоните) не нашле начин да воспостават власт над Таквиот.
Воскреснатиот Господ им се јавил на Своите ученици онака како што сведочат Неговите апостоли и евангелисти. Долгиот богослужбен ден на Велика Сабота завршува длабоко во ноќта со бдението пред Пасха. А на живоносниот Гроб Господов во Ерусалим се празнува Светиот оган. Овој оган од Светиот гроб се пренесува по Светата Земја и ги осветлува сите домови. На денот на великата новозаветна жртва Сонцето на правдата – Христос, го разгорува Светиот оган.
Овој празник е востановен со чудото во времето на патријархот Наркисос, кога во недостиг од масло кандилата биле налеани со вода и запалени од оган кој чудесно слегол од небото и за време на пасхалната служба горел како под масло. Древните христијански сведоштва говорат дека незгасливиот оган се чува на Светиот гроб од раните времиња на христијанството. На бдението пред Пасха (Воскресение) во Црквите ширум Православието Епископот, бидејќи е на местото и во образот Христов, самиот ги благословува и ги пали кандилата, а сите други земаат светлина од неговата свеќа.
Веста за воскресението во сабота на полноќ ќе ја објават свештениците и архиереите на богослужбите во сите цркви и манастири на Македонската православна црква во земјава и во странство.
Поради актуелната состојба со коронавирусот Ковид 19, во храмовите на Македонската православна црква, оваа година ќе изостанат масовни собирања и традиционални обичаи. Празничната атмосфера, овој пат, ќе биде пренесена од храмовите во домовите на охриѓани и православните верници ширум земјата и светот. На иницијатива на ЛК „Лихнидос“, „OhridNews“ и „Мега продукција“, а со благослов на Дебарско – кичевската епархија и поддршка на Општина Охрид, на нашиот портал, ќе биде реализиран директен пренос од Велигденската богослужба во храмот Плаошник на 18 април со почеток во 23.30 часот, со која ќе чиноначалствува Владиката Тимотеj во сослужение на само неколку свештеници.
Директниот пренос од Велигденската богослужба на Плаошник, ќе може да се следи на сите онлајн платформи преку паметни телефони, компјутер, смарт тв и други соодветни дигитални уреди.
Јасминка Т. Момироска