Последната недела од Велигденските пости, што значи неделата пред Велигден, се вика и Велика и Страсна недела, а народот ја вика и Глува недела. Сите денови од оваа недела се викаат Велики, или Вели, како Велики Понеделник или Вели Понеделник, Велики Вторник или Вели Вторник итн.
Свети Јован Златоуст вели дека оваа недела не се вика Велика затоа што деновите во неа се поголеми или помногубројни, туку затоа што во неа Господ направил големи дела: разрушено е царството на Ѓаволот, уништена е смртта, победен е гревот, симнато е проклетството, отворен е Рајот и небото им станало достапно на луѓето. На тој начин луѓето се соединиле со ангелите, урнат е и отстранет преградниот ѕид и Богот на мирот ги измирил небесното и овоземното.
Велигден е продолжение на старозаветниот еврејски празник Пасха, кој Евреите сеуште го празнуваат во чест на ослободувањето на еврејскиот народ од Египет. Буквалното значење на зборот Пасха е премин и се однесува на преминувањето на еврејскиот народ од Египет во Израел. И во христијанството Пасха значи премин со Христа од смртта во животот и од земјата кон небото, во вечниот блажен живот.
Правилата по кои денес се одредува датумот на кој се паѓа Велигден се дефинирани дури во 526 година. Според овие правила, Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него. Ако е пред Пасха, Велигден се одлага за првата недела по следната полна месечина, а ако се совпаднат во ист ден се одлага за следната недела. Значи Велигден може да се падне на 35 датуми од 4 април до 8 мај, што значи два дена по Ѓурѓовден. Православната црква датумот на кој се паѓа Велигден го одредува според стариот Јулијански календар, додека Католичката црква тоа го прави според новиот Грегоријански календар.
Јасминка Т. Момироска