Велика Британија ќе ги испрати своите први проектили со долг дострел во Украина, откако Русија ги погоди преградијата на Киев за првпат од април, јави ДПА.

Според министерот за одбрана Бен Валас, земјата ќе испрати ракетни системи М270, што можат да истрелат прецизни ракети до 80 километри, подолг дострел од која било ракетна технологија користена сега во војната.

Ако меѓународната заедница продолжи со поддршката, јас верувам оти Украина може да победи. Со промената на руската тактика, мора да се смени и нашата поддршка за Украина. Овие високо способни ракетни системи за повеќекратно лансирање, ќе им овозможат на нашите украински пријатели подобро да се заштитат од бруталната употреба на артилерија со долг дострел, што силите на Путин ја користеа неселективно за да уништат градови, тврди Валас во соопштението, објавено од британското Министерство за одбрана.

ДПА појаснува дека украинските војници ќе бидат обучени во Велика Британија како да ја користат опремата.

Министерството за одбрана додава и дека одлуката за обезбедувањето фрлачи била координирана со американската Влада, која исто така најави испорака на артилериски ракетни системи со висока мобилност за Украина. Кога САД соопштија за праќањето проектили, рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе погоди нови цели.

Доколку тие се доставени, ние ќе извлечеме соодветни заклучоци од тоа и ќе употребиме наше оружје, што го имаме доволно, за да се удрат објекти што сè уште не сме ги погодиле, изјави тој во интервју снимано во петокот.

Жителите на Киев вчера се разбудија со првите руски напади на главниот град на Украина, од 28 април.

OhridNews