Епохата во која живееме често се претставува како нова, како време во кое старите облици на живеење и традиционалните вредности треба да се заменат со нови. Црквата, пак, мајчински нè поучува дека за нешто навистина да биде ново, тоа треба да ѝ припаѓа на вечноста и да извира од спасоносната тајна на Воскресението. Евангелските вредности и Светиклиментовото наследство, втемелено врз нив, имаат непроменливо и универзално значење, не поради нивната древност сама по себе, туку затоа што ни даваат предвкус за идниот век, приведувајќи нè кон заедницата со воскреснатиот и прославениот Син Божји, Кој ја обнови човечката природа и ја избави од распадливоста и од смртта. Ова, меѓу другото се истакнува во Велигденското послание на поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Г.Г. Стефан.

Исто така, сведоци сме дека, и покрај сите обиди на светот да се обнови самиот себеси, со посредство на технолошките откритија и човечките мудрувања, тој успева само да направи привид на новото, но не и да воведе некоја суштинска промена. Страстите и слабостите им се неразделни сопатници на сите Адамови потомци при нивното патешествие низ историјата. Војните, болестите, сиромаштијата, гладот, негрижата за беспомошните не запираат и покрај сите насобрани знаења и достигнувања на нашето време. А зошто е така? Така е зашто човештвото, и покрај сиот развој и напредок, останува исто и непроменето уште од денот кога прародителите беа истерани од рајската градина! Затоа патот кон обновувањето на нашата падната човечка природа започнува со покајанието, проследено со постојано богољубие и човекољубие. А вистинската промена, кон која човештвото копнее, е преумувањето на личноста, преку кое повторно се востановува Христовиот образ во нас. – се вели во Посланието.

Предизвиците, пак, со кои се соочува нашето поколение, потврдуваат дека ваквата преобразба ни е пот­ребна како никогаш досега, додаде Архиепископот Стефан.

Создаваме и живееме време преполно со искушенија, време во кое очигледно е отфрлен разумот и, пред сè, заборавен е законот Божји. Всушност, како да не сфативме дека само доколку ја поз­наеме и живееме со вистината ‒ вистината ќе нè ослободи, дека само со покајание и со прифаќање на Божјата волја, ќе го најдеме патот што води кон личното и кон сенародното учество во тајната на Христовото воскресение. А тоа е патот на смирението и долготрпението, на крстоносењето и на грижата за ближните на кои им е потребна нашата помош, на делата на добродетелта кои сведочат за преобразителната сила на нашата вера, надеж и љубов. Впрочем, повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот! – истакна Поглаварот на МПЦ.

Велигден во Македонија. Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Архиепископот Македонски и Охридски, во Велигденското послание се осврна и на војната во Украина, оповикувајќи на мир.

Со неизмерна тага ги следиме известувањата за братоубиствената војна која изминативе недели се води по украинската православна земја. На човекољубивиот Бог Му принесуваме ревносни молитви за да го воскресне мирот во неа и во целиот свет. Пастирски ги повикуваме сите верни да ги сочуваат своите срца од омраза и гнев, потсетувајќи дека нашата најголема борба е против поднебесните духови на злобата18. Љубовта е единствениот лек против злото, а тоа ќе го покажеме доколку со непоколеблива вера, како апостолите и сите богољупци и христољупци во изминативе 20 столетија, ја споделуваме радоста од празниот Христов гроб. Затоа, да застанеме во заедничка молитва за спасение на сите страдални луѓе и на сите што се засегнати од оваа голема несреќа. Да се молиме Бог да им го даде дарот на покајанието и прошката, врз кои се крепи мостот што води кон помирувањето, да си простат и да направат сè заради воскресението. – рече поглаварот на МПЦ.

Кон нашиот православен народ, пак, еве, и во мир се води војна и продолжуваат непријателствата и негирањата, додаде Г.Г. Стефан.

Затоа, да Го молиме воскреснатиот Господ, да ни ги дарува потребните мудрост и единство, и нам, во Татковината, и насекаде до каде што нè има по светов, за да можеме да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, или се обидуваат со сомнителни статистики да го намалат, па дури и сосема да го избришат многувековното присуство на Македонците по македонската земја, и во минатото и во сегашноста. – порача Архиепископот Стефан.

OhridNews
Фото: Миа