Денеска на плоштадот „Свети Климент Охридски“ бше поставено велигденско украсно јајце со христијанскиот поздрав Христос Воскресе, две дрвени клупи и други реквизити наменети за најмладите, информираат од Општина Охрид.

Украсите се дело на академскиоит скулптор Зорица Азеска Спасеска, професорка по ликовно образование во ООУ Ванчо Николески од Лескоец.

Локалната самоуправа, секоја година ќе обезбедува нови реквизити и украси кои ќе го красат градот за време на Велигденските празници. Целта е секој кој ќе се фотографира пред наведените украси со себе да понесе фотографија – спомен на нашиот Ерусалим на Балканот, потенцираат од Општина Охрид.

Општина Охрид во соработка со ЈП „Градски Пазар“ во духот на Велигден и оваа година ќе го организира Велигденскиот базар.

Покрај продажно-изложбениот дел, во рамки на програмата предвидена е и културно-уметничка програма на која ќе настапат КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“, КУД „Отекс“, КУД „Фаланга“ и КУД „Филиграни“. На базарот ќе земат учество сите заинтересирани фирми, занаетчии, слаткари, пекари, уметници, производители на охридски и македонски традиционални јадења, додаваат.

Велигденскиот базар и оваа година ќе има хуманитарен карактер и дел од собраните средства од продажба на производите ќе бидат донирани онаму каде што е најпотребно. ОО на Црвен крст Охрид ќе постави свој штанд, со кутија за донации каде што секој посетител ќе има можност да даде своја донација за помош и поддршка на ранливите категории граѓани.

OhridNews