По повод Велигден што денеска го слават граѓаните со католичка вероисповед, честитка до верниците упати Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов:
Драги браќа и сестри во Христа!
Велигден е најголем христијански празник. Христос кој се овоплоти и стана човек е Бог кој влезе во нашата историја, ги презеде на себе нашите гревови, ни го покажа патот на животот достоен за човекот, го победи злото, воскресна од мртвите, ја победи смртта.
Само човек кој има божествено достоинство и слобода да прави вистина, правда, љубов и мир има најсилно граѓанско право да ја населува оваа Земја. Посакувам сите луѓе со добра волја, а пред се христијаните, да се замислиме над ова свое достоинство, но во исто време Ве повикувам Велигден да не го доживееме како спомен на минатото, туку да го прославиме како настан на сегашноста, враќајќи си го своето исконско достоинство на Божји деца.
Нека ви е благословен овој голем ден – Велигден, кој нас христијаните не повикува на градење вистински хуманизам и искрено достоинство во љубов со сите луѓе. Бог не создаде за слобода и блаженство и затоа нека Ви е благославен овој ден Велигден. Честит празник Воскресение Христово – Христос Воскресе! – се вели во велигденска честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов.
OhridNews