Грчките туроператори ги откажаа речиси сите аранжмани за Велигден во Охрид, а изостана масовна посетеност на други гости од странство. Во најголем број на ривиерата допатуваа гости од соседните земји: Србија, Косово, Албанија и Бугарија. Но, ниту тие не ги исполнија очекувањата на туристичките работници кои се жалат дека интересот за Охрид за годинешните Велигденски празници е многу мал.


– Во моментов резервациите во хотелите се движат од 5 – 30% исполнетост на капацитетите. Да се надеваме дека во последен момент ќе има најава од домашните гости кои ќе дојдат да не посетат, изјави за „Ohridnews“, Дончо Танески од ХОТАМ.


Дончо Танески

Танески смета дека доколку државата не преземе мерки за ублажување на последиците од глобалната економска криза, во прашање ќе биде доведена успешноста на претстојната туристичка сезона во Охрид.

– Доколку владата на барањето поднесено од хотелиерите одговори позитивно т.е. се прифатат мерките за намалување на ДДВ за услугата ноќевање и услугата храна по рестораните и на туризмот му се признае извозен статус и сите аранжмани продадени во странство се ослбодат од ДДВ, како и да се воведат субвенции за организираниот туристички промет, ќе го искористиме тоа максимално и ќе направиме поголеми промоции со што ќе ги попoлниме откажаните аранжмани со нови гости од земјите во опкружувањето, вели Танески.


Иако изостана поголема посетеност од туристите во градот е раздвижено. Прекрасното време денеска измами голем број граѓани на празнична прошетка, терасите и шеталиштата се полни, а празничната атмосфера се чувствува на секој чекор. Фалат само повеќе гости.


Во градот раздвижено – фалат само малку повеќе туристи

Ohridnews
фото:Васко Бујароски