Еден од најавтентичните настани во Охрид последните години, манифестацијата „ОЈ, ЉУБОВ, ЉУБОВ – Староградска пловидба со ВИС “Билјана” што се одржува во рамки на Алтернативното културно лето што го организира Културолошка иницијатива 5 до 12, оваа година на „островче“ во Охридското Езеро предизвика огромен интерес и разбуди многу емоции.
Голем број кајчиња, катамарани, глисери, едрилици и уште толку суп даски и други пловни објекти од Канео ја почнаа музичката прошетка на вода. Се пееја најпознатите охридски староградски песни, кои на нозе ги кренаа присутните на крајбрежјето.
Атмосферата дополнително ја вжештија членовите на навивачката група „Рибари“ кои со чадни бомби, факли и друга пиротехника направија спектакуларна кореографија. Настанот кулминавија достигна на изведбата на култната „Лихнида кајче веслаше“.
Организаторите не ги заборавија охридските музичари чии дела силно одекнуваат и по нивното заминување од овој свет. Несомнено еден од нив е Трајче Крстаноски во чија чест беше изведена песната „Кој ти мрси руси коси“. Тој е автор на текстот на оваа песна која доживеа препород со изведбата на ВИС „Билјана“. Музиката за песната ја напиша Мухамед Бајрам, а аранжманот е на Љупчо Тупаноски.
Со петтото издание на „ОЈ, ЉУБОВ, ЉУБОВ – Староградска пловидба со ВИС “Билјана” на празникот Петровден се спушти завесата на Алтернативното културно лето на Културолошка иницијатива 5 до 12, манифестација која која е вистинско освежување во културната понуда на Охрид.
Г.М.