Иако за време на предизборната кампања за локалните избори, градоначалникот Александар Петрески,  им ветил  дека за три месеци ќе добијат канализација и асфалтирани улици, жителите на селото Велгошти, вчера се пожалија дека до сега не е остварено ништо од ветеното.
 
Тие објаснуваат дека активностите за поставување на канализационата мрежа, биле започнати,  но веќе неколку месеци не се завршени. Тоа значи дека улиците по кои треба да се постават цевките, се  ракопани и го отежнуваат движењето на  сообраќајот и пешаците. Тие нагласуваат дека проблемот значително се зголемил  изминативе неколку недели, кога поради обилните врнежи на дожд и снег,  улиците низ селото  биле речиси под вода.

  
Од Општина Охрид иформираат дека овој проблем ќе биде решен, затоа што, според програмата за асфалтирање и реконструкција на улици и патишта низ рурални средини, предвидено е од 2010 до 2012 година да се реализраат голем број инфраструктурни проекти на потегот на село Велгошти. Меѓу нив најмногу средства или 9.224.682 денари ќе бидат потрошени за рехабилитација на локален пат 15 Корпус до сред село во Велгошти. За асфалтирање на патот до селската црква Св. Никола, се планирани 3 милиони денари, а исто толку средства ќе бидат издвоени и за асфалтирање и на останатите улици низ селото. Средствата за реализација на овие поекти ќе се обезбедат од Министерството за транспорт и врски односно од заем од Светска Банка и Републичкиот фонд за патишта.


Што се однесува на изведбата и поставуавњето на канализациона мрежа во Велгошти, според програмата на Општина Охрид изготвена за ова намена, годинава треба да започне втората  фаза од поставување на канализација низ селото, за чија што реализација се планирани 10 милиони денари од општинскиот буџет.

OhridNews