Фудбалерите на Охрид, ги освоија трите бодови во дерби пресметката со Велешта, победувајќи со минимални 1-0 (1-0), во 24-та рунда од Втората македонска фудбалска лига-запад.

Охрид со триумфот во директната пресметка со ривалот изби во пол позиција за пласман на второто место на табелата, кое води во баражот.

„Рибарите“ маестрално го отворија натпреварот и од самиот старт наметнаа темпо, со кое Велешта тешко излегуваше на крај. Првата прилика на мечот му припадна на Шериф Реџепи, откако гостинскиот голман се сплетка со топката. Храбрата игра на охридскиот состав капитализирана беше во 10-та минута. Дарко Цветаноски ја смести топката во мрежата која се одби статитава после ударот на Александар Ѓорѓиески.

Велешта не се опорави од шокот. Охрид продолжи со фуриозната игра. Александар Целески имаше добра прилика, но не погоди после повратната топка од Реџепи. Шанса имаше и Роберт Митев, но неговиот удар заврши покрај голот. Велешта дури во финишот од првиот дел од прекини се обиде да го загрози голот на Охрид, кој повторно беше на висина од задачата во одбрана.

Во вториот дел, Велешта, ја презеде иницијативата, но барем на почетокот на успеа да направи некоја посериозна прилика за погодок. Како што одминуваше времето Охрид играше се подобро во одбрана. Охридската единица Никола Симоновски реагираше сигурно на секоја нафрлена топка, со што влеа голема самодоверба во екипата. Велешта во последните 15-тина минути фрли се на една карта-нападот. Но од воиграна акција на успеа да го загрози голот на Охрид , туку од прекини. Игор Клечкароски прецизно биеше од слободен удар, но Симоновски само го потврди квалитетот одбранувајќи го обидот на гостинскиот фудбалер.

Охрид се изедначи на табелата со Велешта, но има подобар меѓусебен скор во трите одиграни мечеви во Втората лига.

„Рибарите“ во следната рунда гостуваат кај лидерот Скопје.

OhridNews