Невнимателна и штетна е изјавата на претседателот Ѓорче Иванов дадена во Русија за историските врски помеќу двете земји преку ликот и делото на Георгиј Маљенков, првиот премиер после Сталин, за кој се врзуваат историски контроверзи, смета новинарот и публицист Веле Митаноски. Тој во изјава за „24 Вести“ посочува кој всушност бил Маљенков и како на него гледа(л) светот.

„Претседателот Иванов им направи штета на нашата нација и држава, на Охрид посебно – Незнам од каде претеседателот Иванов ги црпел податоците? Кога јас истражував за Георгиј Маљенков, во прв ред, се потпрев врз податоците на францускиот автор Монтефјоре (Сајмон Сабиг), од неговата книга “Сталин-дворот на црвениот цар”. “Њујорк Тајмс” ја оценува за “…хроника на свирепоста и бездушноста”, а “Гардијан” за “најпрониклив приказ на сталиновиот режим” и “триумф на внимателното истражување”. Не е мое да судам, мегутоа според моето скромно познавање на нештата, односно “случајот Маљенков”( за него имам пишувано во мојата книга “Рани спомени”), нашиот претседател направил голем превид и се послужил со слободна интепретација на факти, со што реално им направил штета на нашата нација и држава, на Охрид посебно. Според контекстот на кажаното излегува дека ние Македонците треба да се гордееме, што ете, цитирам, “првиот премиер после Сталин во Советскиот сојуз бил Македонец од Охрид!”. За жал не е така. И самиот Лаврентиј Берија, на едно место вели дека Маљенков бил од Македонија и ништо друго како историска потврда. Од друга страна, Ѓеорѓи Маленков не само што бил “прв премиер после Сталин”, туку бил и прв сатраб – колач, после Сталин! Да не заборавиме: на светско, глобално ниво, на врвот на негативните личности е Сталин, дури и пред Хитлер! Ете, како, понекогаш, и патот до пеколот е поплочен со најдобри намери! Да се прави референца за Македонија и Македонците од еден Маљенков, навистина е голема заблуда, да не употребам потежок збор. Работите треба да ги гледаме во контекстот на нивното историско време. Денеска и самите Руси се срамат со некои личности и случувања од времето на бољшевизмот и гулазите во Сибир, каде биле убиени Руси во број можеби еднаков, или близок на оној од нивната татковинска војна против Хитлер.“-вели Митаноски во изјава за „24 Вести“.