Распишувањето на изборите следува по вчерашното распуштање на Собранието, со што заврши мандатот на досегашниот пратенички состав, кој беше избран, исто така на предвремени избори на 1 јуни 2008 година.
Изборите на 5 јуни се втори вонредни, а вкупно седми парламентарни од осамостојувањето на Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, вторите 1994, третите 1998, четвртите 2002, петтите во 2006, а последните шести во 2008 година. Тие воедно беа и први предвремени парламентарни избори.
Со актот за распишување на изборите се определуваат и роковите за извршување на изборните дејства. Во случајот на предвремени избори за пратеници тие се скратуваат за пет дена, освен рокот за спроведување на изборната кампања, која стартува 20 дена пред денот на изборите, а завршува 24 часа пред почетокот на гласањето.