Кога еден меч ќе заврши без голови, значи голманите заедно со одбраната завршиле одлична работа, а фудбалерите задолжени за тресење на мрежите немале свој ден или биле добро запирани во сите свои обиди.
Пелистер, кој е десетти на табелата очекувано против лидерот во елитата шансата за погодок ја чекаше од контри. Вардар со кратки пасови наметнуваше игра, но таа не даваше никаков плод.
Љубителите на фудбалот во Битола останаа сиромашни за едно дерби со голови, атрактивни потези и многу возбудувања.
Своја вина за ваквиот епилог на “вечното“ дерби има Фудбалската федерација на Македонија, која го одложи дербито за четири дена и ја “спласна“ атмосферата во двата табори.
Иако се најавуваше дека навивачите на Вардар “комити“ ќе допатуваат во Битола во огромна бројка, тоа не се случи. Но, за атмосфера во каква секој фудбалер или спортист сонува да игра се погрижи “зелено белата“ армија, која на “Тумбе Кафе“ направи незаборавен амбиент.
“Вечното“ дерби помина во одлична арбитража на охридскиот судија Марјан Маркоски, а еден од подобрите играчи на Пелистер и најзаслужен за ремито против актуелниот првак беше Дејан Лескароски.