Ракометарите на Вардар го совладаа Алкалоид во полуфиналното дерби од завршниот турнир од Купот на Македонија во ракомет, што се игра во Охрид. Вечерва во салата „Билјанини извори“, Алкалоид – Вардар 22:31, полувреме 9:14.
Вардар не дозволи ново изненадување по поразот во шампионатот од Алкалоид, кој најверојатно го чини губење на шампионската титула. Црвено – црните беа подобар противник и славеа уверлива победа која ги однесе во финалето од купот.
Најефикасен во редовите на Вардар беше Дејан Манасков со 12 погодоци, а Мартин Серафимов кај Алкалоид постигна 6 гола.
Претходно во полуфиналето во машка конкуренција се сретнаа Еурофарм – Пелистер и Пролет Тинекс. Битолчани ја оправдаа фаворитската улога и славеа сигурна победа 28:21.
Во машкото финале од ракометниот Куп во Охрид, чиј технички организатор е ГРК Охрид, во сабота од 18 часот, ќе се сретнат вечните ривали Вардар и Пелистер.
Утре на програмата е полуфиналниот меч во женска конкуренција помеѓу Ѓорче Петров и Вардар. Победникот од овој натпревар во финалето го очекува Куманово, кој таму се пласира без борба, бидејќи екипата на ЖРК Металург од финансиски причини нема да игра во полуфиналето на Купот на Македонија. Токму Металург требаше да го брани трофејот освоен минатата сезона.
Финалето во женска конкуренција се игра во сабота од 15 часот.
Г.М.
Фото: А. Момироска