Традиционалниот Балкански фестивал на народни песни и  игри започнува вечерва, а ќе трае до 11-ти овој месец.
Шесте фестивалски вечери ќе бидат исполнети со песна и игра на ансамбли од Австралија, Костарика,  Бугарија, Грција, Србија , Албанија и Македонија.

Вечерва од 20 часот и 30 минути на сцената „Долни Сарај“, се очекува фестивалот за отворен да го прогласи претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Велјановски, а целовечерен концерт ќе има ансамблот „Танец“.

Пред свеченото отворање, во 19 часот и 30 минути учесниците на фестивалот, традиционално ќе продефилираат низ охридските улици, а во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на резби од Здружението на копаничари  од Битола.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри го организира Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.

А. Ристоска