Најновиот театарски проект на актерот Никола Тодороски, моноспектаклот „ПИСМА ОД ЗЕМЈАТА“, охриѓани ќе имаат можност повторно да го видат вечерва, петок, во Народниот Театар Охрид со почеток во 20 ч.

“Ова ќе биде трета изведба на претставата која е подеднакво предизвик за мене но и за публиката. Уште на самата премиера објавив дека жанровски претставата ја дефинирам како моноспектакл или сатирична турболенција. Неколку пати имав прилика да добијам прашање од типот “Дали е досадна претставата бидејќи се работи за монодрама?“ За вкусовите не можам да зборувам, но она за што можам или сакам да обрнам внимание е дека или жанрот-монодрама е обременет со такви епитети од типот досадно монотоно и тн. или пак непцата на поедини театарски сладокусци од околинава се премногу навикнати на ванила. Секоја чест на оние кои се похрабри и се спремни да си дозволат себеси присуство на било каков културен настан. Претставата веќе е селектирана во официјалната програма на интернационалниот фестивал за Монодрама во Битола каде премиерно ќе биде изведена на 08.05.2016, а потоа на 15.05.2016 својата премиера ќе ја доживее во еден од најпознатите театри во Софија “С’лза и Смјах“. – изјави актерот Никола Тодороски.

Билетите за претставата можат да се купат во музичката продавница ЗЗ и во центарот за култура пред почетокот на самата претстава по цена од 200 ден.

OhridNews