Вечерва од 21 часот во големата сала при НУ Центар за култура “Григор Прличев” – Охрид на програмата на „Охридско лето“ е македонскиот филм  „Црно семе“, по сценарио на Ташко Георгиевски, а во режија на Кирил Ценевски.


Кирил Ценевски е филмски режисер и сценарист. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занимава уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски, во филмот „Цената на градот“ во 1970 година. Во 1971 година Ценевски го режира филмот „Црно семе“, за кој добива повеќе награди: „Златна арена“ за режија на фестивалот во Пула, „Златен венец“ за најуспешно деби, 11 Октомври и др. Добитник е на бројни награди.
 
„Црно семе“ е посебно важен за актерот Дамевски, бидејќи за својата главна улога во овој филм, ја има добиено Златната арена за најдобра машка улога во 1971 година во Пула и уште многу други награди. Филмот има добиено многу награди, како наградата „Златна арена“ за режија и најдобра машка улога, „Златен венец“ за најдобро дебитантско остварување, доделени во Пула, 1971 година.

„Може ли да се избрише минатото на еден народ? Во секоја една нишка, а не, пак, народ, кој зад себе го има вековното паметење и во тоа паметење го има него, се има себеси (единката или народот) – во сеќавањата. “ – изјави Ташко Георгиевски.
 
„Црно семе“, роман во кој е прикажан прикриениот крик на човекот, устата се отвора ама збор не излегува, безгласен. Тој човек е лишен од својата земја, од својата култура, националност, ова е дело на поматен мозок, а како резултат на тоа цела една нација се преобразува во безлично суштество кое не е човечко, кое во себе ’рти црно семе, семе на бездомност и безименост, кој не знае за ништо друго освен за свет на страдања и мрак, во туѓина.

Влезот е бесплатен.

OhridNews