Охридските љубители на филмската уметност вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе може да го проследат филмот „Семејството Белие“, со кој ќе биде свечено затворено 8-то издание на Фестивалот на француски филм. Ова е единствениот филм кој ќе биде прикажан во Охрид како дел од годинешната програма на фестивалот.
Во филмот кој е дело на режисерот Ерик Лартиго се раскажува за семејството Белие во кое сите имаат проблеми со слухот освен Пола, 16-годишна девојка. Таа е неопходен толкувач на своите родители во секојдневието, имено за работата на семејната фарма. Еден ден, поттикната од нејзиниот професор по музичко кој открил кај неа талент за пеење, таа одлучува да се подготви за конкурсот на Радио Франс. Животен избор кој за неа би значел оддалечување од нејзиното семејство и неизбежно преминување во светот на возрасните.
Во филмот играат актерите Карин Вијар, Франсоа Дамиен и Ерик Елмонино.
Според најавите, на проекцијата на филмот ќе присуствуваат и дел од ексклузивните гости на фестивалот меѓу кои и добитничката на годинашната Златна маска на фестивалот Ањес Сорали, а пред публиката ќе се обрати Амбасадорот на Франција во Република Македонија Лоранс Оер и Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
OhridNews