Во Центарот за култура „Григор Прличев“, вечерва, со почеток во 20.30 часот ќе биде промовирана збирката раскази „Нова приказна“ од струшката писателка Мерсиха Исмајлоска. Промотори на делото ќе бидат м-р Александра Јуруковска и Петко Шипинкароски, а извадоци ќе чита Андреј Богатиноски. Присутните ќе имаат можност да уживаат и во изведбата на Татијана Ѓеорѓиеска која ќе свири на акустична гитара.
Мерсиха Исмајлоска е родена во Струга. Магистрирала на тема од компаратистиката, теоријата на филмот и визуелните уметности, на која дисциплина е и докторант при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Својата окупација со проблемот на книжевното и визуелното ја пренесува и во работата со студентите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид, каде работи во моментов.
Промоцијата е дел од манифестацијата „Струшки книжевни средби“ што се одржува во Струга, Вевчани и Охрид.
OhridNews