Денеска од 21 часот во големата сала на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, ќе биде прикажан филмот „90 минути Берлин Проект“ на македонскиот режисер Иво Трајков, во рамките на УФО Фестивалот.
Охриѓани ќе имаат ретка можност да проследат филм во еден кадар, автентично дело на еден од најквалитетните македонски режисери, кој живее и работи во Прага.
Филмот „90 минути Берлин проект” е германска продукција, во која Траков соработува со едни од најквалитетните филмски професионалци, меѓу кои и Директорот на фотографија Суки Меденчевиќ познат по „Големата вода“ и „Бал Кан Кан“.
Меѓу актерите ги имаме големите имиња на Рихард Замел и Удо Киер, чија актерска кариера изобилува со големи филмски остварувања, како „Неславни Копилиња” од Тарантино и Трето полувреме. Во филмот игра и Блерим Дестани, актер и продуцент роден во Германија, професионалец кој што зел учество во голем број на квалитетни филмови.
Инаку, режисерот Иван Трајков студирал на ФАМУ, каде што моментално предава како шеф на катедрата Монтажа.
Филмографија Иво Трајков:
1992 – Јан – ТВ филм – Чешка Република
1993 – Канарска спојка – Чешка Република
1998 – Минато – Чешка Република
2004 – Големата вода – Македонија, Чешка Република
2007 – Мовие – Македонија, Чешка Република
2009 – Созерцание – Македонија, Чешка Република
2012 – 90 минути Берлин Проект – Германија, Македонија
Влезот е слободен.
OhridNews