Во рамки на фестивалот Охридско лето вечерва со почеток во 21 часот актерите од НУ Битолски театар ќе ја изведат шекспировата претстава „Отело“ во режија на Диего Де Бреа. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Претставата е реално видување дека и најмоќните луѓе имаат чувствително место кое може да се скрши. Текстот е приказна за еден човек кој има целосна контрола врз себе, но влегувајќи во параноидна состојба, се соочува со љубомора и на крајот завршува трагично. Актерите во претставата се отвораат себеси. Во текстот се говори за тоа дека љубомората се јавува од ништо. Зборува за тоа како една банална работа може да уништи една империја, а тоа се случувало отсекогаш во историјата.

За мене како режисер секогаш предизвик е сензацијата на сцената и затоа дадов максимален простор на актерот- истакнува Диего де Бреа.

Темата во претставата актуелна, цивилизациска тема која ја третира војната, љубовта, верата.

Претставување на новата театарска книга на Лилјана Мазова „Отворен круг“

Вечерва, во 23 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде промовирана новата театарска книга на Лилјана Мазова „ Отворен круг“. Како што истакна авторката, книгата е поделена на четири делови од кои секој содржи седум приказни за македонски актери и режисери.

– Мојата најголема љубов се актерите. Кога ќе почне претставата престанува мислата кој е режисер, сценограф, костимограф, главен е актерот кој ја пренесува приказната и судбината на сите нив заедно, тежината во театарот според мене е на грбот на актерот, вели Мазова.

Приказните во книгата се во вид на писма кои авторката им ги испраќа на македонските актери кои зад себе оставиле бројни претстави и се вбројуваат меѓу легендите на македонскиот театар.Меѓу нив се актерот Мите Грозданов, Ацо Јованоски, Магдалена Ризова, Ненад Стојаноски, Васил Зафирчев,Снежана Конеска Руси, Никола Ристаноски, Слободан Унковски, Љупка Џундева, Бранко Ѓорчев, Мери Бошкова.

На претставувањето на книгата ќе говорат авторката Мазова, директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска и актерот Драган Спасов – Дац.
Авторката Лилјана Мазова е новинар, театарски критичар и долгогодишен сведок и чинител на театарските случувања во земјава.

OhridNews