Актерите од НУ Театар комедија од Скопје вечерва во рамки на фестивалот Охридско лето, со почеток во 21 часот во Центарот за култура „ Григор Прличев“, ќе ја изведат една од најпознатите комедии на Вилијам Шекспир „ Многу врева за ништо“.
Дејството се одвива во Месина и целиот текст се заснова на љубовните згоди и незгоди на двата љубовни пара, Беатриче и Бенедикт, и Клаудио и Херо, и сите оние кои ја поткрепуваат или рушат нивната љубов.
– Благодрение на прекрасната екипа од Театар комедија успеавме да создадеме една храбра и радикална шекспировска претстава , која се поигрува со жанровите. Започнува со гротеска, за потоа да влеземе во трагедија и преку гротеска повторно да се вратиме во комедијата. Она што е база и темел на претставата е актерската игра, бидејќи претставата бара голем актерски напор, физичка и психичка подготвеност, една голема способност за трансформација на актерите, брзо играње, менување на жанрови , вели режисерот на претставата Дејан Пројковски.
Претставата се занимава со упорноста и отпорноста на љубовта, како и пречките кои љубовта мора да ги помине и да ги преброди. Се занимава со борбата помеѓу половите, но и класите. Борба за вистинска љубов со вистинска љубов.
– Интересно е што овој текст е напишан многу одамна, а може да се стави во ова наше модерно време во кое сеуште важат тие закони за кои Шекспир пишувал , за различните видови љубов. Претставата не може да се раскаже, туку само да се доживее, потенцира една од актерките во претставата, Нина Деан.
Директорката на НУ Театар комедија, Јелена Жугиќ додава дека ова е втора соработка на театарот со режисерот Пројковски кој секогаш прави претстави кои се поразлични од останатите.
– Пројковски секогаш прави претстави кои се поразлични, имаат се и затоа вреди да се излезе надвор од рамките и да прикажеме како ние го доживуваме Шекспир. Како и во претходните претстави така и во оваа јас, како менаџерка на театарот, сум многу горда што во претставата дојдоа во прв план личните способности на актерите . Тие свират на иснтрументи, пеат, танцуваат, што воопшто не е едноставно,вели Жугиќ.
Ова е втора изведба на претставата „ Многу врева за ништо“ која премиерно беше прикажана на затворањето на првиот Меѓународен фестивал на комедијата, на 30 јуни годинава.
Т.К.