Вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ на програмата на фестивалот „Охридско лето“ е концертот со наслов „Од творечкиот опус на композиторот Томислав Зографски (1934 – 2000) – кон 80 години од раѓањето“.

 

Во рамките на концертот ќе настапат  познатите музичари Страшо Темков (флејта), Ирена Кавкалевска (мецо сопран), Марина Арсова (обоа), но и младите надежни солисти: виолинистите Бојан Илкоски и Ѓорѓи Петровски, пијанистката Анастасија Грговска, односно квартетот кој го носи името на Зографски.

„Македонското музичко творештво секогаш зазема достојно место на фестивалските програми. Организираме авторски концерти, настојуваме делата на нашите композитори да звучат во изведбата како на македонските уметници, така и солистите и ансамблите од странство. Овој пат авторската вечер му е посветена на еден од најзначајните македонски музички творци Томислав Зографски, со што фестивалот се вклучува во одбележувањето на 80 години од неговото раѓање.“ – вели селекторот на музичката програма на фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Композиторот Томислав Зографски е еден од основоположинците на македонската композиторска школа. Во 60-те години на 20-от век тој прв ги внесе карактеристиките на неокласицизмот во македонската музика и со своето творештво македонските музички вредности ги доближи до светските современи трендови.

Истовремено во едно од неговите најзначајни дела од целокупниот опус, антологискиот циклус „Записи” за длабок глас и пијано, авторот користи текстови запишани во македонските средновековни ракописи, мелодиски обрасци од т.н. „пападакиско“ пеење на Јован Кукузел, а имитацијата на ѕвона од македонските камбанарии, прави своевиден мост помеѓу неговите претци-зографи, кои при изработката на своите живописи се инспирирале од истиот тој архетипски ѕвон на Македонска почва.

Подоцна Зографски ги прифаќа најсовремените начини на музичко изразуцвање и ја збогатува македонската музика со повеќе од 160 дела од сите музички родови, секогаш во корелација со сопственото професионално и животно кредо.

Од 1967 година до крајот на својот живот бил професор на Факултетот за музчка уметност во Скопје. Неговите дела се изведувани во сите културни центри на поранешна Југославија, во Русија, Шведска, Грција, Мексико, Јужна Америка, Австралија, Нов Зеланд, Шпанија, Франција, Литванија, Грузија, Украина, Велика Британија, Италија, со реномирани оркестри и диригенти меѓу кои: Ловро Матачиќ, Микаел Луиг, Питер Старк, Берислав Шипуш, Ричард Бернас, Тадеуш Козловски, Милан Хорват, Живојин Здравковиќ, и сите македонски диригенти: Фимчо Муратовски, Ангел Шурев, Перо Петровски, Борјан Цанев, Саша Николовски Ѓумар и др.

Покрај своето творештво, тој зад себе остави длабоки траги и како педагог на Факултетот за музчка уметност во Скопје, образувајќи една цела класа денес меѓународно афирмирани композитори: Димитрие Бужаровски, Живојин Глишиќ. Јана Андреевска, Мирослав Спасов, Панде Шахов, Никола Коџабашија и Евдокија Данајловска. Бил и претседател на Сојузот на композиторите на Македонија во 1963 и 1964 година.

Добитник е на две награди за животно дело: државната награда „11 Октомври” и Наградата на Сојузот на композиторите на Македонија „Трајко Прокопиев”, како и на голем број значајни награди за поедини композиции и за филмска музика.

OhridNews