Вечерва на сцената на „Антички“ со почеток од 21:00 часот ќе настапи феноменалниот интернационален вокално-театарски перфоманс, The Voca People.

Се работи за ансамбл од Израел, кој претставува нов вокално-театарски перфоманс, кој ги комбинира вокалните звуци и а-капела пеењето со уметноста на модерниот бит-бокс, кој ги имитира звуците на цел оркестар – тапани, труби, гитари и музички ефекти.

Сето ова The Voca People го прават без употреба на кој било музички инструмент на сцената, притоа настапувајќи со хумористичен перформанс, анимирајќи ја и самата публика.

За себе велат дека се вонземјани кои потекнуваат од далечната планета „Вока“, каде што главниот начин на комуникација не е говорот, туку пеењето, звуците и вокалната експресија, а нивното мото е „Животот е музика и музиката е живот“.

Нивното шоу постигна огромен успех за многу краток период. За само 3 години тие имаа повеќе од 50 милиони прегледувања на „Јутјуб“ и распродадоа повеќе турнеи низ Европа, Северна и Јужна Америка и далечниот Исток.

Во 2012 година The Voca People ја освоија наградата „Лосил Лортел“ (Locile Lortel) за извонредно алтернативно доживување која ја доделува театарот „Оф-Бродвеј“  во Њујорк, САД.

OhridNews