Љубителите на музиката вечерва ќе имаат можност да уживаат во интересните музички изведби на ексклузивниот гудачки квартет „MozARTgroup“ од Полска, кој ќе одржи концерт во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамки на фестивалот Охридско лето.
-Членовите на овој квартет свират музика од класичниот репертоар, но на сосема поинаков начин. Нивната изведба е мешавина од музика, театар и движење, а со уникатниот хумор кој го поседуваат, квартетот се сместува во еден од најинвентивните забавувачи во светот, информираат организаторите на фестивалот.
Концертот кој носи наслов „Моцарт е се уште жив“ е поддржан од Полската амбасада во Република Македонија, со која Фестивалот има одлична соработка повеќе години наназад.
-Веќе неколку години соработуваме со Полската амбасада во земјава. Минатата година плод на нашата соработка беше концертот со еден од најславните композитори на денешницата – Кшиштоф Пендерецки. Оваа година исто така најавуваме незаборавен концерт и ги покануваме сите љубители на музиката во четврток да бидат дел од овој необичен настан, кој со сигурност нема да ги остави рамнодушни, вели селекторот на музичката програма Гордана Јосифова-Неделковска.
Активноста на гудачкиот квартет „MozARTgroup“ започнува пред речиси 20 години и оттогаш неговите членови неуморно одржуваат успешни настапи во целиот свет (Европа, Канада, САД, Азија). Досега имаат одржано повеќе од 3000 концерти на четири континенти во светот, а нивниот професионализам и талент го потврдуваат и големиот број национални и интернационални награди кои ги имаат добиено, вклучувајќи ја и специјалната награда од Министерството за култура на Република Полска за исклучителни достигнувања и 15 години постоење на сцената.
Само во текот на овој месец квартетот гостува во пет Европски земји, а во август заминува на турнеја во Америка, Азија и Европа.
OhridNews