Вечерва од 21:00 часот во катедралната црква „Св. Софија“ ќе се одржи концерт на Сергеј Петров, Ристо Ѓоревски и Елена Атанасова Ивановска во рамките на фестивалот „Охридско Лето“.
Сергеј Петров е руски кларинетист кој долги години активно учествува во музичкиот живот на Русија, но и надвор од него. Од 2000 година започнува неговата богата творечка активност. Три години се наоѓа на местото солист на симфонискиот оркестар „Руска филхармонија“, работи и како водечки солист и концерт- мајстор на групата кларинети при оркестарот на Академскиот Бољшој театар на Русија, член е и солист во дувачкиот квинтет при „Бољшој театарот“, а истовремено активно ја гради и својата солистичка кариера. Лауреат е на неколку натпревари, а има издадено и повеќе од 10 компакт- дискови на „Бољшој театар“.
Ристо Ѓоревски завршува додипломски и постдипломски студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Иван Кочаров. Активен е како солист и член на различни камерни состави и оркестри во Македонија и надвор од неа – Австрија, Албанија, Србија, Словенија, Бугарија, Русија, САД, Индонезија и др. Добитник е на неколку награди на државните натпревари по кларинет и камерна музика, а во моментов е активен член на Скопскиот дувачки квинтет.
Елена Атанасовска-Ивановска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Борис Романов, со највисока оцена CUM LAUDE. Добитник е на голем број државни и меѓународни награди, меѓу кои и наградата за најдобар студент од фондацијата „Франк Манинг“ во 2003 година. Досега настапувала во земјава, но и во Грција, Србија, Шпанија, Португалија и САД. Работи како уметнички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
OhridNews