Вториот ден од фестивалот „Охридско лето“ со неколку настани од областа на културата. Под наслов „Носталгија во црно-бели рамки“, вечерва, во Дирекцијата на Фестивалот со почеток од 20 часот ќе се отвори изложба на фотографии од Зоран Вељаноски – Летра.
Зоран Вељаноски – Летра е роден на 31 јули 1965 година во Охрид, Македонија. Со фотографија се занимава од најрана возраст. Високо образование завршил на Филмската Академија ЕСРА – Париз – Скопје – Њујорк, на Факултетот за сценски дизајн, катедра Фотографија. Магистерските студии ги продолжува на Институтот за Фотографија во Њујорк. Досега има 16 самостојни изложби во земјава и светот а учествувал и на повеќе групни изложби. Член е на претседателството на Фото сојуз на Македонија.
Претпладнето, во Куќата на Робевци и Уранија беше отворена изложба на Леополд Форстнер од Австрија, по што во црквата Света Софија се одржа и матине со македонската пијанистка Елена Мисиркова.
OhridNews