Охриѓанецот Боби Мојсовски кој го освои второто место на Регионалното музичко шоу „Х-фактор–Адриа“ вечерва со почеток во 21 часот ќе одржи Солистички концерт на градски плоштад во Охрид. Според најавите, концертот ќе има хуманитарен карактер, а средствата кои ќе бидат собрани со помош на волонтерите на Црвениот крст од Охрид ќе бидат донирани за лекување на Марјан Вељаноски.

Во изјава за OhridNews Боби вели дека е многу возбуден што конечно ќе настапи во родниот град и пред својата најверна публика.

-После сите обврски и настапи низ Македонија и ширум регионот одлучив да го одржам мојот прв солистички концерт баш во родниот град и да се заблагодарам за сета поддршка која ја добивам. Репертоарот се состои од неколку мои песни кои што ги претставив низ годините пред Х-Фактор, нумери кои ги изведував на Х-фактор шоуто, англиски синглови кои публиката исто така добро ги знае, како и некои добро познати екс-ју хитови. Репертоарот ги опфаќа скоро сите генерации, има песни во кои ќе уживаат од најмладо до најстаро, а при тоа да останам во оној мој стил кој јас го негувам, а тоа е поп-рокот, најавува Боби.

Тој вели дека подготовките со неговиот бенд траат веќе еден месец и дека имаат секојдневни проби. Специјален гостин на концертот на Боби ќе биде неговиот пријател Милан Букилиќ од Црна Гора.

Во соработка со Црвениот Крст, паричните донации на концертот ќе бидат собирани преку телефонските броеви за донација како и во стаклените кутии пред бината, каде што публиката ќе може да донира износ по сопствена желба. Исто така на бината ќе биде истакната и жиро сметката на која исто така ќе може да се донираат средства.

OhridNews