Ден пред големиот христијански празник Богојавление–Водици, во куќата на Уранија со почеток во 19 часот ќе биде врачена Светската награда за хуманизам на годинешниот добитник, академик Георги Старделов, што ја доделува Охридската академија на хуманизмот, со поддршка на Општина Охрид.

Старделов е четринаесеттиот добитник на ова престижно светско признание, а прв од нашава земја. Наградата ќе му ја врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите под покровителство на УНЕСКО. Истата вечер, со посебно признание ќе му биде оддадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, кое годинава ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“.

Пригодни беседи за Старделов ќе одржат Јордан Плевнеш и Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

Светската награда за хуманизам е востановена во 2007 година, а до сега неа ја добиле еминенти светски имиња: Даисаку Икеда (Јап.07), Мануел де Оливеира (Пор.’08) Александар Соложицин (Рус.’09), Рави Шанкар (Инд.’10), Питер Брук (Брит.’11), Вида Огњеновиќ (Срб.’12), Херта Милер (Гер.’13), Светлин Русев (Буг.’14), Џон Ралстон Сол (Кан.’15), Дарко Гашпаровиѓ (Хрв.’16), Јиржи Свобода (Чеш.’17), Жан Патрик Конерад (Брит.’18), Романо Проди (Ита.’19), Георги Старделов (Мак.’20).

OhridNews