Нова премиера на охридскиот Народен театар. Публиката во наредните два дена ќе има можност премиерно да ја проследи комедијата „ Претстава за глупаци“ работена според текст на познатиот француски филмски режисер, сценарист и драматург Францис Вебер, а во режија на Ирена Стеријовска.

Ова е приказна за еден обичен човек во најневообичаено попладне кое можете да го замислите . Публиката е поставена непосредно околу надворешните ѕидови од станот и е ставена во ексклузивна позиција, воајерска, каде одблиску може да го сведочи дејството во претставата. Сметавме дека малку повеќе ќе ја ангажираме публиката на овој начин отколку ако ја раскажуваме приказната со една дистанца, вели Стеријовска.

Главните улоги во претставата ги играат Стрезо Стаматовски и Никола Тодороски.

Интересно беше да се работи со Ирена, затоа што ја имаме таа актерска слобода која можеме да си ја дозволиме на сцена што е реткост кај нашите режисери. Би препорачал претставата да ја гледате повеќе пати затоа што има четири страни. Секоја една претстава ќе биде различна ако ја гледате од различна страна , одберете свој ѕид ,мислам дека ќе бидете изненадени кога ќе видите како може една претстава да изгледа на четири различни начини, вели актерот Стаматовски.

Задача на ликот кој го толкувам во оваа претстава – глупакот е да постави многу интересно прашање: кој е всушност глупакот, дали тој што е поканет или тој што кани на таква вечера. Драго ми е што и во оваа претстава повторно сме тандем со колегата Стрезо, изјави актерот Никола Тодороски.

Освен Стаматовски и Тодороски, во претставата играат и Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Филип Кипровски, Елизабета Стефановска, Павел Маслов.  За сценографијата се погрижи Стефан Спировски, а за костимите  Ана Кркулевска.

Претставата „ Вечера за глупаци“ е петтата премиера на охридскиот Народен театар во периодот од септември до сега. Како што информира раководителот на театарот, Горан Стојаноски, во истиот период изиграни се вкупно 70 претстави.

Т.К.