Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди целовечерен концерт на германскиот уметник на гитара, Герхарт Рајхенбах.

Рајхенбах е еден од водечките германски класични гитаристи. Дебитира како солист во 1980 година во Дизелдорф, а на меѓународната сцена за прв пат настапува во 1990 година на Фестивалот за гитара во Волос, Грција. Од тогаш, повеќе од 40 години одржува концерти како солист, со оркестар и на бројни фестивали кои го носат меѓу останатите на сцената на Берлинската филхармонија и во Интернационалната куќа на музиката во Москва.

Неговиот репертоар содржи повеќе од 35 рецитали и бројни концерти за гитара и оркeстар а неговите транскрипции за гитара на делата на Скарлати, и особено оние на Бах го поставуваат на чело на интерпретаторите на делата на Бах за гитара во светски рамки.

Последните десетина години Рајхенбах е особено активен на полето на современата музика за класична гитара изведувајќи дела кои се специјално напишани за него како Балканската соната на Росен Балкански, 12 концертни студии оп. 48 од Бак Волтерс и дела од Атанас Оуркузунов. Покрај концертните активности, тој е професор по гитара, често е дел од жири комисии на натпревари и посветено работи на нови едиции на репертоарот за класична гитара. Организира настани, фестивали и натпревари посветени на неговиот инструмент. Бил уметнички директор на фестивалот „Висани“ во Грција како и на Фестивалот во Рамшеид (Германија), а моментно е уметнички директор на Фестивалот за гитара во Вупертал (Германија) како и на Мајсторските курсеви во Михаелбауерн (Австрија). Бил професор на Академијата „Франц Лист“ во Вајмар, на Државниот конзерваториум во Солун, а од 2009 година е професор на Универзитетот во Келн. Голем број од неговите студенти се успешни уметници и предаваат низ целиот свет. Герхард Рајхенбах настапува на инструменти од Томас Хамфри (милениум модел) и од Томас Мерц. Исто така, е уметник поддржан од брендот на жици за гитари Д’Адарио.

На програмата на вечерашниот концерт се дела на Мерц, Џулиани, Бах,Албениц, Морено-Тороба, Родгиго.

За настапот на Рахенбах резервирана е концерната сцена на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.

OhridNews