Групата „Шурбевски Езгија трио“ и кларинетистот Ацо Тасески ќе оддржат концерти „Вечер на чалгиска музика“ во Охрид и Ресен. Охриѓани ќе имаат ретка прилика да уживаат во звуците на традиционалната чалгиска македонска музика на 18- ти септември, петок, во Центарот за култура „ Григор Прличев“ со почеток од 18 часот по што познатиот вокално инструментален состав ќе настапи во Ресен.
Концертите се реализираат со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а имаат за цел да ја зголемат културна понуда на општините.
Езгија трио, е вокално – инструментален состав, кој ја негува македонската традиционална чалгиска музика, формиран е во 2011 година. Ова трио е специфичен состав не само поради инструментите кои се застапени, туку и поради музичкиот стил, различен од другите, а препознатлив сам по себе. Иако овој стил на изразување е во изумирање, овој музички состав е со цел да ја врати македонската чалгија, што во извесен период беше заборавена, а е карактеристичен и препознатлив белег на македонската музика низ вековите која живеела на овие простори.
Во репертоарот има застапено македонски песни и ора, во звукот на македонска чалгија. Од инструментите застапени се канон, ут, кларинет, тарабука, деф и дајре, карактеристични македонски чалгаџиски инструменти. Канонот е музички инструмент, кој се среќава на овие простори уште од времето на Византија, а сеуште може да се види нацртан по фреските во црквите во Македонија. Препознатлив белег на македонската чалгија е уште од ЏВИ век. Тарабуката е инструмент кој во себе ја содржи ритмичката делница во чалгискиот состав, без која ритамот би бил сосема поинаков. Се свири со прсти, а мајсторијата на овој инструмент е во што поизразено ситнење на ритмичките обрасци. Кларинетот или попознат како грнета на овие простори во минатото, истотака е дел од македонската чалгија и ја има водечката мелодиска линија во чалгискиот состав.
Членовите на составот се професионални музичари со големо сценско искуство и со голем број на настапи во земјава и надвор од неа.
OhridNews