Професионална презентација наречена „Вечер на боречките вештини“ се одржа во Центарот за култура во Охрид. Во малата сала (исполнета до последно место) членовите на три клуба од Охрид и Струга ги прикажаа своите квалитети и степенот до кој ги совладале далекуисточните вештини, аикидо и карате-до.
Клубовите „Аики Доџо“ и „Карате Клуб Самурај“ од Охрид заедно со клубот „Аики Доџо Струга“ работат веќе осум години, во скромни услови и мали средства, но успеваат да ги шират вистинските вредности на овие вештини – самоконтрола, почит и ненасилство.


  Петар Голабоски (3 дан) и Орхан Дестан (1 дан)

Во саботата навечер пред охриѓани се претставија сите категории, од најмали (добија најголем аплауз) до интернационални мајстори како Петар Голабоски (трет дан), Орхан Дестан (прв дан), Игор Митрески и др. Презентациите (борби и кати) беа „покриени“ со сугестивна традиционална јапонска музика која му даде посебна „боја“ на настанот.

АИКИДО дефиниција: Самоодбрамбена вештина која не користи оружје, во поново време признаена како спорт .

АИ – хармонија, КИ – дух, ДО – обичај

С. Костоски