За студентите ќе има ваучери за туризам како дополнителна мерка за подобрување на студентскиот стандард, покрај поддршката за превоз што е дел од пакетот антикризни мерки.
Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека студентите ќе бидат поддржани со нова мерка – ваучери за посета на туристички места во земјава.
За тоа ќе бидат наменети 64 милиони денари и најпрво ќе бидат опфатени околу 3 до 4 илјади студенти, а потоа се очекува бројот да се прошири.
На средба со претставници на студенти од државните универзитети во Министерството за економија, на која присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, се разговарало и студентите, како и жени претприемачи на микро, мали и средни претпријатија, да имаат предност на повиците за субвенции.
Со мерките за превоз, пак, треба да бидат опфатени над 15 илјади студенти кои студираат надвор од нивното место на живеење.
Во зависност од пресметаните трошоци за превозот, тие ќе добиваат ваучери за превоз во износ од 600 до 1.200 денари. Надоместокот ќе го добиваат во наредните седум месеци односно до крајот на академската 2023/2024 година.
OhridNews