На вчерашната проба за шоуто „Танц со ѕвездите“, актерот Васил Зафирчев, еден од фаворитите на судиите и публиката, вежбајќи ја танцовата точка со својата партнерка во Македонската радио телевизија, се здоби со потешка телесна повреда, соопштуваат од МРТВ.
Како што пренесува „Макфакс“, веднаш по немилата повреда, била повикана Брза помош која го префрлила актерот во специјалната болница за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (стара Градска болница), во која му беше укажана итна лекарска помош.
Стручниот тим на ортопеди утврдил дека станува збор за скршеница на чашката на коленото и поради тоа веднаш му беше извршена хируршка интервенција.
Харизматичниот Васил Зафирчев во моментов се наоѓа на Одделението за интензивна нега каде се чувствува добро, но сепак повеќе нема да може да блеска на сцената заедно со својата партнерка Наде Миленковска и да ги истакнат заедно танцовите вештини. Се очекува за кус период актерот да биде пуштен на домашно лекување.
Сепак, на големо жалење на неговите фанови и на жири комисијата од популарното шоу „Танц со ѕвездите“ Васил Зафирчев веќе нема да биде во можност да се натпреварува во шоуто.
извор:„Макфакс“