Охрид/Македонија. Некогаш и сега. Еден просечен ден во Охрид, во 1987година:  Улиците беа украсени со црвени, плави, зелени, портокалови, бели,жолти фичовци, 101-ки, тристачи, пезетки, со Томос моторчиња и сребрени пони велосипеди. Во недела се купуваше тазе леб само на стара  бензиска (кај сегашнава “автобуска“). Дедо ќе одеше со точкот по леб. Еееј беа тоа времиња……

 
Еден просечен ден во Охрид, во 2009 година: Еден искршен, откопан главен пат. Од три километри асфалт. И веќе три години три милиони расправии.  Судбината на „Железничка“ е симболична за македонскиот секојдневен живот. Нема режија, нема акција, нема хармонија. Има само бла бла – бла бла. И бла бла…. Се е исполитизирано до коска. Секој еден е попаметен од другиот. Никој не е одговорен. Никој не е крив.

Прва блиц меморија од пред 25 години ми е насмевката од народот. Скоро сите уживаа се дружеа, имаше до некоја граница мир, љубов, слога. Да, имаше криза и многу нервози во таа бивша. За тазе млеко, кафе, цименто. За многу, многу потребни работи. Се сеќавам ко тинејџер дека немаше заебанции. Кондуктерот Илјо од село Опеница, на релацијата Охрид-Свињишта-Куратица, во неговиот автобус се почитуваше. Прописи беа прописи. Иако беше само продавач на карти. После секое капење на плажа со родителите обавезно освежување со „бреза“ шампонче в езеро. Како сите, така и ние. Седум таксисти за цел град. Да се возиш елитно ко господин со сив „Форд Гранада“ караван, плав „Опел Аскона“, лада или со единствениот мерцедес бенз во Охрид. Секој ден после 14 часот имаше колони од ЕМО, Застава, Езерка, до Отекс. Коли полни со вработени мажи и жени. Со штедни книшки во Стопанска и Југобанка. Работеа за децата. За „Симод“ патики и „Вартекс“ фармерки.

Сега ги жалам сите граѓани на „Железничка“. Жени одат по леб. Милиметарски пешачат покрај патот. Со страв. Со 6 очи. Нивните ќерки и синчиња одат со 200 опомени и сообраќајни задачи на школо. Пази, пази, пази. Гледај, гледај. Варди, варди. Немој да трчате. Немој да се глупирате. Нон стоп бидете  свесни. Договорено? Пазете. Чувајте се. Внимавајте. Да? Да, тато. Да, мама. Родителите, бабите и дедовците секој ден се крстат. Го молат Господ. Да ги чуваат младите. За да стигнат златните алтанчиња здрави и живи дома. За да одат утре пак на школо. По таа „Железничка“ каде што оставаат  анонимни шофери од извалкани Албански, Турски, Грчки, Украински, Српски, Холандски, Германски, Бугарски и Македонски камиони своја прашина.

Не беше се сјајно и слободно во таа „Београдска“ фасадирана држава. Куќа вештачка, темели од карти. И тогаш се случувааа секакви несфатливи работи. Тогаш имаше една приказна од централната партија. Таа една беше доволна. Ама тогаш немаше секој ден по 179 партиски/политички прес-конференци и контра политицки/партиски прес-конференци во јавноста. Или од агенции. Тогаш на телевизија Даниел Поповиќ, Бело Дугме, Хари мата Хари, Црвена Јабука, Марадона, Васка, Мајкл Џексон, Квин, Мадона, ЕТ, Рамбо и Роки, Елтон Џон и Дражен Петровиќ беа топ звезди. Сега потпаролите, пратениците, министрите, водители, нон стоп истите досадни гости по тв-емисите, се ’топ ѕвезди во Македонија. И тие што мислат дека се ѕвезди, после еден спот и една песна.

Некогаш во осумдесетите. Мега, ултра ѕвездата Лепа Брена го посети Охрид. Тогаш ништо не функционираше. Вујче, чичо, тетин и тато беа во шок. За малце ќе ставеа татоважа од секси Брена. Касандра? Јужно Американска “сапун“ ѕвезда го блокира пред 10 години цел град. Ненормално, невозможно. Тоше. Тоше беше Тоше. Вечно. Од и за сите. И „Железничка“ е за, и од сите. Од сите охриѓани,  од сите жители во Македонија. До кога вака? Само ветувања. Од лево, десно,  горе, долу. Од плави, црвени, од средни, од секого. По таа „Железничка“. А  дали некој се интересира што се случува подалеку од семофарине кај  Охридска Банка? Да, еден пратеник. Денес тој. Утре некој друг. Или за друга тема. Нема врска од која партија. И пак граѓаните го јадат стапот. Ај Боже златен, разбери се. Ни една држава во светот не е перфект. Од Америка до Казакстан. Од Норвешка до Кина. Секаде има мани и проблеми. Ама она на „Железничка“ никој не го заслужува.

До пред неколку години имаше по трафикине стари разгледници од Охрид. Со слики од 1981 година. Печатени некаде во Хрватска или Словенија. Стварно беа веќе несовремени. Но беа некој доказ од Охрид кој можеме да го чуваме само во нашата меморија. Вистинско, опуштено, класично. Секој со своите  сеќавања.

Еееј беа тоа времиња……

Поздрав од Амстердам-Холандија,

Влатко де Вриеж