Ракометарите на Вардар се освојувачи на првиот од двата трофеи во македонскиот клупски ракомет, триумфирајќи во Купот на Македонија. „Црвено црните“ до 14-от трофеј од возбудувањата во Купот на Македонија стигнаа со победата над „вечниот“ ривал Еурофарм Пелистер 26-24, полувреме 16-10, во финалниот натпревар, кој како и целиот турнир се одигра во спортската сала „Автокоманда“.
Избраниците на Стефче Алушовски патот до победа си го трасираа со маестралното прво полувреме во кое обезбедија предност од шест погодоци. Битолчани, во вториот дел направија се да се вратат резултатски во игра но разликата беше (пре)голема.
Честитки на целата екипа и стручниот штаб. Одигравме добар турнир, дојдовме како фаворити и ги оправдавме очекувањата. Првиот дел дававме лесни голови, имавме одлична одбрана и добар оглман. Во вториот дел Еурофарм се врати во натпреварот, се бореше до крај, ние бевме уморни, ама покажавме карактер и ја задржавме предноста. Мислам дека ова е заслужена титула. Сега следи уште еден натпревар, но тој ќе биде различен. Имаме добар резултат од првиот дуел, ама цел е да одиграме во првенството докрај и да го обезбедиме трофејот што е можно порано, – изјави Иван Чупиќ од Вардар, кој беше прогласен за МВП на турнирот.
За најдобар голман беше прогласен Борко Ристовски, но голманот на Вардар наградата му ја предаде на ривалот од Еурофарм Пелистер, Градимир Чаневски.
Во мак-ракометот останува разврската во плејофот и плејаутот во Супер лигата.
OhridNews