Ракометарите на Вардар, со пораз пред своите гледачи од француски Монпеље (27-31) ги заврши натпреварите во групната фаза во Лигата на Шампиони. Осмиот пораз во 14-от натпревар ги смести „црвено црните“ на шестата позиција на табелата и ги однесе на мегдан со унгарски Пик Сегед во 1/8 финалето во најелитното клупско натпреварување.

Тагата за поразот беше кратка, бидејќи актуелниот европски првак ги потврди двете засилувања пред почетокот на финалниот дел од сезоната. Нови членови на Вардар ќе бидат македонските репрезентативци Борко Ристовски и Марио Мишевски. Новајлиите на екипата треба да и се приклучат од утре да му се стават на располагање на тренерот Стефче Алушовски. Ристовски по подолго време се враќа во Вардар, додека Мишевски и „црвено црните“ неочекувано се разделија минатата сезона.

Од понеделник ќе биде поинаку. Ќе ги имаме Ристовски и Мишевски. Се надевам дека тие ќе ја донесат потребната свежина. –  изјави Алушовски на средбата со медиумите после мечот со Монпеље.

Првиот натпревар помеѓу Вардар и Пик Сегед ќе се игра во периодот од 18 до 22 март, додека реваншот во периодот од 25 до 29 март.

OhridNews