Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, екипата на Вардар е единствената екипа која не ја платила котизацијата од 6.000 евра со што автоматски клубот се исклучува од натпреварувањето во Првата лига, според најновите пропозиции на националното лиценцирање на Фудбалската федерација на Македонија.


Поради несовесното работење на луѓето што го водеа црвено-црниот брод во минатото, клубот по разни основи должи 2,5 милиони евра, поради што му е блокирана жиро-сметката. Довчерашните партнери, менаџерот Јовица Николовски и „вечниот“ акционер во клубот Јордан Камчев, решија да се повлечат во клубот на 48 часа пред да истече рокот за плаќање на котизацијата, по што автоматски клубот го оставија да пропадне и од идната година да се натпреварува во Третата лига.

Според правилата, Првата Лига, која на 7 јули ќе го добие и распоредот за идната сезона, треба да биде пополнета од екипи од Втората лига, по распоредот од ланската табела. Па така, Дрита од Боговиње ќе биде идниот прволигаш, ако клубот ги задоволи сите критериуми за добивање на национална лиценца. Ако се случи Дрита да игра во елитата, тогаш Тетово идната сезона ќе има четири клуба (покрај Тетекс, Ренова и Шкендија), еден помалку од Скопје што би било историски преседан за фудбалот во главниот град.     

“извор Нова Македонија“
Ohridnews