Вардар по рекорден 14. пат го освои Струшкиот ракометен турнир, откако вечерва во македонското дерби ја совлада екипата на Алкалоид со 25:20 (12:11).

Според очекуваното, публиката имаше можност да гледа квалитетен и неизвесен дуел. Од самиот старт се виде дека двете екипи имаат желба за освојување на титулата, влегоа мотивирани, но дождот го прекина дуелот во 17. минута при резултат 7:5 за Вардар. Следуваше пауза од околу од 15 минути и беше донесена одлука натпреварот да продолжи во спортската сала „Тими“. Двата тима продолжија во ист ритам, се играше гол за гол и вардарци на полувреме отидоа со минимална предност од 12:11. Натпреварот беше неизвесен до последните пет минути кога резултатот беше 21:20. Вардар постигна уште четири гола и така ја завери 14-тата титула, и се искачи сам на врвот пред Пелистер, кој има 13 титули на Меѓународниот турнир во Струга.

Во натпреварот за трето место екипата на АЕК Атина со пресврт во второто полувреме го совлада Ескилстуна Гуиф со 29:27 (13:14). Швеѓаните во дуелот тргнаа со повеќе желба за победа и после 20 минути во првиот дел имаа предност од пет гола 10:5 и напад за зголемување на водството, но тука како да подзастанаа и АЕК со серија од 6:1 израмни на 11:11. До крајот на полувреме се играше гол за гол и на полувреме замина со гол предност за шведскиот претставник.

Во второто полувреме натпреварот продолжи како во финишот од првиот дел. Екипите се менуваа во водство, но ниту една не успеа да направи предност поголема од два гола. Решавачки беше моментот во последната минута при резултат 28:27 за АЕК, Швеѓаните промашија пенал, а грците на спротивната страна постигнаа гол за конечни 29:27 и освојување на бронзениот медал.

Во борба за избегнување на последното место Динамо Панчево го совлада домаќинот на турнирот екипа на Струга со 31:26 (14:17).

За најдобар играч на турнирот е прогласен јапонскиот интернационалец Косуке Јашухира од тимот на Вардар, наградата за најдобар голман ја освои Мартин Томовски од истиот тим, додека најдобар стрелец беше Мерин Бошњак од тимот на Струга.

OhridNews